ФОРУМ   >>   Организациона платформа

Вовед

Анархисти!

И покрај силата и несомнениот позитивен карактер на анархистичките идеи, и покрај јасноста и комплетноста на анархистичките позиции во однос на општествената револуција, и покрај хероизмот и небројните жртви на анархистите во борбата за анархистички комунизам, кажува многу тоа што и покрај сето ова, анархистичкото движење отсекогаш останало слабо и најчесто се поврзувало со историјата на борбите на работничката класа, не како одлучувачки фактор, туку како граничен феномен.

Овој контраст помеѓу позитивната суштина, неоспорливата валидност на анархистичките идеи, и мизерната состојба на анархистичкото движење, може да се објасни од бројни фактори, од кои главниот е отсуството во анархистичкиот свет на организациони принципи и организациони релации.

Во секоја земја анархистичкото движење е претставено од локални организации со контрадикторни теории и тактики без планирање однапред или без континуитет на нивната работа. Тие вообичаено се пресвиткуваат по одредено време, оставајќи мала или никаква трага.

Таквата состојба во револуционерниот анархизам, ако го земеме како целина, може да се опише како хронична генерална неорганизираност. Оваа болест на неорганизираност го освои организмот на анархистичкото движење како жолта треска и го држеше заразено со декади.

Сепак, без сомнение е дека оваа неорганизираност има свои корени во одреден број дефекти во теоријата, забележително во извитоперената интерпретација на принципот на индивидуалност во анархизмот, при што во врска со тој принцип е премногу често се греши со отсуството на било каква пресметливост. Оние вљубеници во само-изразувањето со око на личното задоволство се прилепуваат тврдоглаво за хаотичниот услов на анархистичкото движење и во одбрана се повикуваат на неменливите принципи на анархизмот и неговите учители.

Сепак, неменливите принципи и учители го покажуваат токму спротивното.

Дисперзијата предизвикува уништување; кохезијата гарантира живот и развој. Овој закон на општествената борба е еднакво применлив на класите и партиите.

Анархизмот не е убава фантазија, не е апстрактен поим на филозофијата, туку општествено движење на работничките маси; само поради таа причина мора да ги собере своите сили во една организација, константно агитирајќи, според потребите кои ги наложува реалноста и стратегијата за општествена класна борба.

Како што кажал Кропоткин: „Ние сме убедени дека формирањето на анархистичка партија во Русија, далеку од тоа да го прејудицира генералниот револуционерен потфат, е пожелно и корисно во највисок степен.“ (Предговор кон „Париската Комуна“ од Бакунин, [руско издание], 1892)

Ниту пак Бакунин некогаш се спротивставувал на идејата за генерална анархистичка организација. Напротив, неговите аспирации во однос на организацијата, како и неговите активности во Првата работничка интернационала, ни го даваат секое право за да гледаме на него како активен застапник на токму таков модел на организација.

Општо гледано, речиси сите активни борци на анархизмот беа против дифузното делување и сонуваа за анархистичко движење обединето под заедничка цел и заеднички тактики.

За време на Руската револуција од 1917, потребата за генерална организација беше почувствувана најакутно, откако за време на револуцијата анархистичкото движење покажа најголем степен на фрагментација и конфузија. Отсуството на генерална организација предизвика многу анархистички борци да се одлеат во редовите на болшевиците. Тоа е исто и причината зошто денес многу други борци се најдоа во состојба на пасивност што оневозможува било каква употреба на нивните често огромни капацитети.

Ние имаме витална потреба од организација која со привлекувањето на поголемиот дел од учесниците во анархистичкото движење, би воспоставила заедничка тактичка и политичка линија за анархизмот и оттаму би служела како водич за целото движење.

Време е анархизмот да се издигне над мочуриштето на неорганизираноста, да се стави крај на бескрајните неодлучности за најважните прашања од теоријата и тактиките, и одлучно да се оди кон јасно разбраната цел и организираната колективна пракса.

Сепак, не е доволно само да се утврди виталната потреба од таква организација. Исто така потребно е и да се воспостават средства за нејзино создавање.

Ние ја одбиваме како теоретски и практично неоснована идејата за креирање на организација користејќи го принципот на „синтеза“, што ќе рече, зближувајќи ги поддржувачите на различните гранки на анархизмот. Таква организација што ќе опфати pot-pourri од елементи (во услови на нивна теорија и пракса) не би била ништо повеќе од механички збир на личности со различни погледи на сите прашања што го тангираат анархистичкото движење и неизбежно би се растурила соочувајќи се со реалноста.

Анархо-синдикалистичкиот пристап не ги решава организационите тешкотии на анархизмот, бидејќи анархо-синдикализмот не успева да му даде приоритет на тоа прашање и најмногу се интересира за идејата на пенетрирање и правење на исчекор во светот на трудот. Дури и со потпирка таму, нема многу да се постигне во светот на трудот ако немаме генерална анархистичка организација.

Единствениот пристап кој може да доведе до решение на генералниот организационен проблем е, како што може да видиме, во регрутирањето на активните борци на анархизмот врз основа на одредени теоретски, тактички и организациони позиции, што ќе рече врз основа на помалку или повеќе усовршена хомогена програма.

Зацртувањето на таква програма е една од примарните задачи кои општествената борба од минатите декади ги бара од анархистите. И во оваа задача Групата на руски анархисти од странство посвети значаен дел од своите напори.

„Организационата платформа“ објавена подолу претставува скица, скелет на таква програма и мора да служи како прв чекор кон собирањето на анархистичките сили во единствен актив, револуционерен анархистички колектив способен за борба: Генералниот сојуз на анархисти.

Немаме илузии за различните недостатоци во платформата. Како и при секој нов, практичен и истовремено критички потфат, несомнено постојат дупки во платформата. Можно е одредени клучни позиции да се изоставени од платформата, некои други да не се адекватно развиени, или пак други да се премногу детализирани или повторувани. Сево ова е можно, но тоа не е поентата. Тоа што е важно е дека основата за генерална организација е поставена и таа цел е постигната до потребниот степен преку оваа платформа. Задача е на генералниот колектив - Генералниот анархистички сојуз - да ја елаборира и да ја подобри платформата на тој начин што ќе ја претвори во комплетна програма за целиот анархистички свет.

Ние исто така немаме илузии на друга сметка.

Ние очекуваме дека многу претставници на таканаречениот индивидуализам или „хаотичен“ анархизам ќе не нападнат, со пена во устата ќе не обвинуваат за заобиколувањето на анархистичките принципи. Сепак, ние знаеме дека овие индивидуалистички и хаотични елементи ги земаат „анархистичките принципи“ со значење на кавалерски став, безредие и неодговорност, што ќе наметне само неизлечиви повреди над нашето движење и над она за што се бориме со целата наша енергија и страст. Ете, затоа можеме да парираме смирено на било какви напади од таа страна.

Нашите надежи ги полагаме во други - во оние кои останале верни на анархизмот, на работниците, кои ја надживеаја трагедијата на анархистичкото движење и кои со болка бараат излез.

Имаме и високи надежи во анархистичката младина, оние млади другари родени сред ветриштата на Руската револуција и посветени од зачеток на низата конструктивни проблеми, кои несомнено ќе инсистираат на примената на позитивни организациони принципи во анархизмот.

Ги покануваме сите руски анархистички организации, раштркани низ многуте земји во светот, како и индивидуалните анархистички борци, да се соединат во единствен револуционерен колектив, врз основа на генерална организациона платформа.

Нека оваа платформа биде револуционерна лозинка и собирна точка за сите борци на руското анархистичко движење и нека го одбележи раѓањето на Генералниот сојуз на анархистите!

Да живее организираното анархистичко движење!
Да живее Генералниот анархистички сојуз!
Да живее општествената револуција на работниците на светот!

Група на руски анархисти од странство
Петар Аршинов, секретар на групата
20 јуни 1926